Тесто за пица

Тестово е од мајка ми, со нејзини предлози како да го подобрам. Порано го користеше за кифли, пити, уштипци, но откако најдовме други подобри рецепти, ова остана само за пица.

Најважно е да се одреди колку течност ќе користите. Што повеќе течност, тоа повеќе брашно - поголема количина тесто. Јас решив да одам со 300 мл течност и пола квасец, и не згрешив, испаднаа две средно големи пици.


Значи:

150 мл кисела вода
150 мл млеко
пола свеж квасец
1,5 лажичка шеќер
1 лажичка сол
50 мл масло
брашно по потреба (околу 500-600 грама ми требаа на крај за ова)

Со причина пишувам брашно по потреба - многу ми е чудно кога во рецепти за месење има точна грамажа на брашно, секое брашно е различно, ќе видите, можеби ќе лепи, може сте ставиле малку повеќе течност, а и брашно не се става наеднаш ни од почеток да лупнете ко што стои во рецептот, туку постепено - така ми имаат бар мене кажано.

Киселата (може и обична вода) и млекото ставете ги малку да се стоплат и треба да се млаки кога ќе го растпите квасецот во нив. Во поголем сад ставете малку брашно, солта и шеќерот и маслото. Додадете ја течноста и почнете да додавате брашно полека. Исто полека формирајте тесто. Тоа на почеток нормално ќе лепи, само трпеливо.



Откако ќе измесите, измавајте го топчето тесто едно 50 пати од работна маса. Смешно е, да, ама вака ќе се воедначат сите состојки внатре, и овој дел никад не го скокам :)

Оставете 45 мин - 1 час да стаса. Потоа расукајте согласно големината на плехот.



Мене како што кажав од ова ми излегоа две средно големи пици.

Comments

Popular Posts