Леб што не се меси

Денес полицискиот час е од 11, се нацртувам пред Силбо околу 10. Редица до после Апче, а сакав да купам мало турско лепче со сусам, дека за ручек отвараме сезона со летна манџа, а за тоа мора бел крцкав леб!

Промена на план, се враќам дома и не отстапувам од идејата за бел топол леб :)

Рецептов го меркав уште кога почна карантинов, ама не стигнав да го направам се до денес. На среќата и немаше крај! Излезе одличен, крцкав однадвор, мекан внатре, милина. Многу личи на чијабата, ама не е толку воздушест.

Најпрво една напомена: во рецептов стои дека е потребна 550 мл млака вода, тоа е вкупно колку вода треба и за растворање на квасецот и за после во тестото.


Состојки:

675 гр. брашно
1 кесичка сув квасец
1 кафена лажица шеќер
2 кафени лажици сол
550 мл млака вода

Во помал сад ставете 120 мл млака вода, 1 лажица шеќер и сувиот квасец, измешајте и нека постои 10 мин, да се активира.

Во поголема здела ставете го брашното (отпрвин и не мора скроз целото) и солта. Полека додавајте го остатокот од водата (430 мл) и со вилушка мешајте. Ќе добиете многу лепливо и малку ретко тесто. Без гајле, не му е ништо, ќе излезе супер. Набрашнете одозгора и оставете да стасува нешто повеќе од 1 час.

Add caption


Загрејте на рерната на 200 со вентилатор и ставете голем плех со вода најдолу. Плехот ставете го на сам старт, заедно со рерната да се загрева. На набрашнета работна маса истурете го тестото и поделете на две векнички, обликувајте ги со малку брашно. Засечете неколку рецки по тестото со остар нож. Ставете во плех обложен со хартија за печење и печете 10-15 минути со плехот со вода, потоа извадете го и продолжете со печење уште 15 минути, да фати боја и коричка.



Јас ставив и внатре оригано и сушен лук, и штом ги извадив ги попрскав со вода и премачкав со смеса од маслиново масло, оригано и сушен лук.

Лепчево и ладно е супер.

Comments

Popular Posts