Потпечен ориз со мелено месо и зеленчук

Јадењево настана откако ме мрзеше да полнам пиперки и разноразен зеленчук од фрижидер, па решив да видам како ќе испадне како бучкуруш. Излезе многу подобро од она што очекував, и мислам ова ќе стане редовен оброк летово.



Состојки:

300 грама мелено месо
100-150 грама ориз (зависно за колку лица правите)
2 млади кромитчиња или главица стар кромид
2-3 чешниња лук (може и млад)
2 моркова
Половина модар патлиџан 
Половина тиквичка
1 средно голем сладок компир (опционално)
Малку грашок (опционално)
1 домат
Магдонос
100 мл томатело со оригано и босилек
1 голема лажица концентрирано доматно пире
Зачини: сушено оригано, босилек, сол, бибер, по желба вегета

Оризот покиснете го во млака вода пред да почнете со спремање на јадењево.
Сите горенаведени зеленчуци освен оризот исечкајте ги на саканата големина и најпрво пропржете го кромидот и лукот, потоа додадете го меленото месо и испржете. Следно, додадете ги сите зеленчуци и малку пропржете. Додадете го оризот на крај и зачините, томателото и концентратот доматно пире. Тргнете од оган и со истата чаша со која сте го мереле оризот, ставете три такви вода. Сево ова ставете го да се пече на 180 степени околу 30 минути.

Од наведените состојки излегоа солидни порции за двајца.

Пријатно јадење!




Comments

Popular Posts